Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“  со своето формирање во ноември 2017 година го продолжи доделувањето на наградата „Роман на годината“ која дотогаш, почнувајќи од 1999 година кога беше и основан, ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

Наградата  е широко општествено прифатена и етаблирана и до 2021 година е доделена 22 пати.  Досегашни добитници на наградата „Роман на годината“ доделена од Фондацијата  „Славко Јаневски“ се романите: „Одбројување“ на Фросина Пармаковска („Или-Или“, 2017), „Некој бил тука“ на Николина Андова Шопова („Темплум“, 2018), „Песот со тажен поглед“ на  Оливера  Николова („Матица македонска“, 2019) и „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски („Антолог“, 2020).

Секоја година Фондацијата го распишува конкурсот за наградата „Роман на годината“ кој трае од 15 декември во тековната, до 15 јануари во наредната година. Според Правилникот за наградата, на конкурсот право на учество имаат романи кои за првпат се објавени на македонски јазик во тековната година. Заедно со пријавата на конкурсот, кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 23/1-1) или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје). Доколку бидат испратени по препорачана пошта, се прифаќаат романите коишто благовремено се   доставуваат со дата на печатот заклучно со 15 јануари. Пожелно е доставување и на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com

Наградата „Роман на  годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март наредната година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.

 

Добитници на наградата „Роман на годината“

1. „Куќата на Мазарена“ – Слободан Мицковиќ (самиздат, 1999)
2. „Папокот на светот“ – Венко Андоновски, („Три“ 2000)
3. „Бунар“ – Димитар Башевски („Слово“ 2001)
4. „Разговор со Спиноза“ – Гоце Смилевски („Дијалог“, 2002)
5. „Изгубен жегол“ – Милован Стефановски („Сигмапрес“, 2003)
6. „Куклите на Росица“ – Оливера Николова („Култура“, 2004)
7. „Џахиз и истребувачите на кучиња“ – Пајо Авировиќ („Детска радост“, 2005)
8. „Снегот во Казабланка“ – Кица Б. Колбе („Три“, 2006)
9. „Нишан“ – Блаже Миневски („Макавеј“, 2007)
10. „Индиго Бомбај – Јагода Михајловска -Георгиева („Три“, 2008)
11. „Дваесет и првиот“ – Томислав Османли („Блесок“, 2009)
12. „Човекот што ги сакаше калинките “- Душко Родев („Македонска реч“, 2010)
13. „Единаесет жени“ – Снежана Младеновска-Анѓелков („Или-или“, 2011)
14. „Птиците од ланските гнезда“ – Митко Маџунков („Три“,2012)
15. .„Јадица“ – Владимир Плавевски („Силсонс“, 2013),
16. „Балканвавилонци“ – Луан Старова (МАНУ, 2014)
17. „Телото во кое треба да се живее“ – Петар Андоновски( „Или -Или“, 2015)
18. „Собирачи на пепел“ – Давор Стојановски („Или -Или“, 2016)
19. „Одбројување“ – Фросина Пармаковска („Или-Или“, 2017)
20. „Некој бил тука“ – Николина Андова Шопова („Темплум“, 2018)
21. „Песот со тажен поглед“ – Оливера Николова („Матица македонска“, 2019)
22. „Скриени желби, немирни патувања“- Владимир Јанковски („Антолог“, 2020)