Кандидати за роман за 2019 година:
На конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2019 година, кој во
организација на Фондацијата за промоција и унапредување на културните
вредности „Славко Јаневски“ беше распишан на 15 декември 2019 година и траеше
заклучно со 15 јануари 2020 година, пристигнаа 38 романи. Во пристигнатите дела
за наградата „Роман на годината“ се забележливи различни поетичко-стилски
тенденции и струи – некои од романите ја рефлектираат целокупната општествено-
политичка клима во земјава, други пак, гравитираат околу некои од
најсуштинските интимни и егзистенцијални прашања, преиспитувајќи и книжевно
обмислувајќи го односот со другоста, идентитетот, историјата (личната и
колективната) итн.
За наградата одлучуваше жири-комисија составена од: Николина Андова
Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован
Стефановски, универзитетската професорка Весна Мојсова–Чепишевска, писателот
Славе Ѓорѓо Димовски и претставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“
Катерина Богоева. Комисијата направи повеќе селекции, при што на првиот
состанок беше направена селекција од дваесет романи, на вториот состанок беа
селектирани десет романи, а на третиот беа одбрани петте финалисти: „Молчи со
отворена уста“ – Снежана Младенова-Анѓелков („Или–Или“), „Пагански времиња“
– Драги Михајловски („Просветно дело“), „Песот со тажен поглед“ – Оливера
Николова („Матица Македонска“), „Последните денови на Ханс“ – Михајло
Свидерски („Или-Или“) и „Приказни за госпоѓица Сит“ – Билјана С. Црвенковска
(„Чудна шума“).
На последниот состанок, романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера
Николова, со тајно гласање и со мнозинство гласови беше избран за „Роман на
годината“ за 2019 година. Воедно Николова е прва од досегашните лауреати која
оваа награда ја добива по втор пат, прв пат наградата „Роман на годината“ и е
доделена за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.
„Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е роман кој својата приказна
ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со
фактите. Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката
книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите кои
престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чиешто „ехо“ е романот,
воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста
и комплексноста на наративните постапки. Писмото на Николова е моќно,
автентично и рафинирано. Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за
детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа
од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат
со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот
крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените
ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост.
Оливера Николова (1936, Скопје) е писателка за деца и возрасни. Попознати
дела за деца, од дваесетина издадени, и се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се
стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“ и други. Нејзини дела
за возрасни се книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата
„Сребреното јаболко“, а некои од нејзините најпознати романи се: „Вежби за Ибн
Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Пешаци по црни полиња“ и други.
Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни признанија.