2018 година

Кандидати за роман за 2018 година:

На конкурсот за престижната литературна награда „Роман на годината“ за 2018
година кој во организација на Фондацијата за промоција и унапредување на културата
„Славко Јаневски“ беше распишан на 15 -ти декември 2018 година и траеше заклучно до 15
– ти јануари 2019 година, пристигнаа 36 книги. За наградата одлучуваше жири комисијата
составена од: Фросина Пармаковска (претседателка и минатогодишен лауреат ), поетот,
академик Богомил Ѓузел, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и
преставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“, Катерина Богоева. Комисијата
заседаваше четирикратно при што, на првиот состанок беше направена селекција од 11
романи, на вториот беа селектирани шест романи, а на третиот беа одбрани романите
финалисти: „Страв од варвари“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Маџун“ од Влада
Урошевиќ („Магор“) и „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова („Темплум“).
На четвртиот состанок, романот „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, со тајно
гласање и со мнозинство гласови беше избран за „Роман на годината“ за 2018 година.
Бројот на пристигнати дела за наградата „Роман на годината“ ја покажа
пообемната книжевна продукција на дела на македонски јазик во 2018 година што
несомнено зборува за желбата и обидот да се пишуваат романи од кои голем дел,
согласно ставот на жири комисијата, не задоволуваа одредени високи книжевно-естетски
критериуми. Од почетокот, околу 5-6 романи забележително се разликуваа во однос на
преостанатите пристигнати книги и по однос на свежината на раскажувањето и по однос
на јазичната подлога и токму тие, влегоа во потесен избор или во претпоследниот круг во
трката за „Роман на годината“ за 2018 година.

„Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова е роман што се чита брзо и лесно, но
истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и
убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и
мачна себеотуѓеност која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот,
резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување. Раскажувањето на Андова –
Шопова со леснотија го повлекува читателот во морето од сомнежи, стравови и сеќавања,
при што потребна е подготвеност за веднаш и бескомпромисно да се нурне во длабокото.
Технички и јазично, тој е компактен и стегнат, во него не недостасуваат ниту „стрчат“ ниту
една реченица и ниту еден збор.

Николина Андова Шопова (1978) за првата поетска книга „Влезот е од другата
страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“. Книгата е издадена и на англиски
јазик. Во 2014 година ја објавува втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, која е
објавена и на српски јазик. Нејзини песни се преведени на десетина светски јазици. Освен
поезија, таа пишува и раскази, песни и сликовници за деца. „Некој бил тука“ е нејзин прв
роман.