Кандидати за роман за 2017 година:
На конкурсот за наградата „Роман на годината“ во организација на
Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“ за
најдобро романескно дело напишано на македонски јазик и објавено во 2017
година, пристигнаа вкупно 27 романи. Жири-комисијата во состав: Давор
Стојановски (претседател и минатогодишен добитник на наградата, која тогаш ја
доделуваше сега веќе згаснатиот „Утрински весник“), Ристо Лазаров, поет, Иван
Додовски, писател и професор на Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје,
Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и
Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата, се состана четири пати од 15.2.
до 13.3.2018, при што се направи селекција од три потесни круга.
Впечатокот на жирито во врска со конкурсот е дека новоформираната
Фондација успешно го продолжи процесот на поддршка и афирмирање на
романеското творештво напишано на македонски јазик. Ставот е дека
пристигнатите дела ги одликува тематска и жанровска шареноликост и јазички
иновации во поглед на современата лексика. Романескната продукција, покрај
плејадата докажани македонски писатели, донесе и силен бран помлади автори,
чија свежина на идеи ги краси зрелост на изразот. Во финалниот круг влегоа три
романи: „Одбројување“ на Фросина Пармаковска („Или-или“), „Апокалипса.мк“ на
Бранко Прља („Готен“) и „Диссомнии“ на Игор Станојоски („Антолог“). Со
мнозинство гласови, комисијата за добитник на наградата „Роман на годината“ го
прогласи романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска.
Станува збор за третиот роман на Пармаковска, која дипломира на
Филолошкиот факултет, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а
магистрира на Културолошките студии при Институтот за македонска литература.
Авторка е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.
„Вишнова хроника“ е преведен на бугарски и украински јазик. Фросина
Пармаковска од февруари годинава е член на ДПМ.
Романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна
семејна драма од современото скопско секојдневје. Приказната е структурирана во
три дела, каде што низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименувата
нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната
положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со
очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го
прифати или препознае. Од една страна, нараторката останува да се грижи за
сопругот и се обидува да го сочува остатокот од нивната младешка и искрена
љубов, која полека ја снемува, а од друга страна – мора да преземе исчекор во
поглед на неговата неминовна пропаст и психо-физичка тортура врз неа. Тоа што
ниту жената ниту мажот не се ниеднаш именувани во романот – ѝ дава
дополнителна доза на универзалност на приказната.
Пармаковска постепено и суптилно го гради ликот на болниот сопруг, а
преку префрлање на ракурсот врз неговите родители, Даница и Митко, како и
братот Алек, па дури и љубовникот Иван – ја деконструира малограѓанската свест
и паланечката усреденост на духот, која ги одликува македонските семејства и до
денешен ден. Ликовите се заглибени во пеколниот лавиринт на себеизмама и
илузорна надеж за почеток на поубав живот, а целта на протагонистката е да се
изнајде трет пат, на самотност и независност од туѓите животи.Романот го
одликува долга реченица, јазик близок до разговорниот, како и повремени
репетиции, кои на моменти како да го губат фокусот на приказната, но не и
полнењето на ликовите со нови детали, кои отсликуваат уште еден исечок од
македонската општествена реалност.
„Апокалипса.мк“ е последниот роман на Бранко Прља, кој претходно под
псведонимот Берт Стајн ги објави романите „3 минути и 53 секунди“ и „1 час и 30
минути“. „Апокалипса.мк“ ја збогатува нашата книжевна сцена со жанрот
дистописки роман. Застрашувачкото општество, по фиктивната братоубиствена
војна во Македонија, отсликува еден страшен орвеловски режим, а колку што влече
инспирација во хиперболизирни рамки од веќе постојните општествени настани на
македонското поднебје, толку претставува и опомена за нивното можно
повторување.
„Диссомнии“ е третиот роман, по „Гаргара“ и „Првиот универзитетски ден
на мојата ќерка“, на лингвистот и писател Игор Станојоски. „Диссомнии“ е
возбудлив роман, кој вешто ги менува жанровите. Во низа заплети, предавства и
очудувања, приказната ни ја открива судбината на украинскиот писател со
македонско потекло, кој по бурните настани од Мајдан и неговите неповолни
изјави по социјалните медиуми во врска со нив, се враќа во македонското поднебје,
во изолираноста на митолошки богатото изворно село на неговите предци.