Синоќа (15 јануари) 15-тина македонски поети и писатели ја чествуваа стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски. Поетското читање, насловено како „Произведувачи на зборот“ се одржа во галерискиот простор на Културно-информативниот центар во Скопје. На присутните им се обратија Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, која беше и организатор на манифестацијата, како и претседателката на Советот на град Скопје проф. д-р Љубица Јанчевска, која најави дека градот Скопје ќе ја прогласи 2020 година за година на Славко Јаневски. Стихови од Јаневски читаа актерите Ана Костовска и Владимир Петровиќ, а за музичката придружба се погрижија Полина Тасева и Иван Петровски.
Претходно членови на семејството на Славко Јаневски, делегација на Фондацијата, како и повеќе други пријатели и почитувачи на ликот и делото на Јаневски положија цвеќе пред неговиот споменик.
Од Фондацијата велат дека ова дружење ќе прерасне во традиционална манифестација, а се разгледува и можноста за објавување на посебна публикација, во која ќе бидат вклучени и прочитаните песни на манифестацијата.
Фотографии: Dimitrij Galevski и Zoran Shekerov
Leave a Reply